PFO (Patent Foramen Ovale)
PFO (Patent Foramen Ovale) или отворен форамен овале, уште ја нарекуваат и "петтата валвула на срцето" е вродена срцева комуникација во меѓупреткоморната преграда која постои кај повеќе од 25% од популацијата.
Кај секое четврто новороденче оваа срцева комуникација или foramen ovale (каналче во меѓупреткоморната преграда) не се затвора комплетно и останува еден мал канал, кој при зголемување на притисокот во градниот кош (кашлање, спорт, хрчење) овозможува преку него да се измешаат нечистата (венска) и чистата (артериска) крв.
Венската крв во себе содржи поголемо количество јаглероден диоксид и микротромби од венската циркулација и таа природно се филтрира во белодробните капилари. Кај ПФО постои shortcut - директна комуникација, која е честа причина за мозочен удар или транзиторна исхемична атака кај помладата популација.
Кои се симптомите кај PFO
Симптомите може да се појават во адолесцентната возраст како главоболки (мигрена) кои се интензивираат со текот на времето, трпнење (парестезии) на рацете, нозете, лицето, сензитивност на светло проследено со гадење и повраќање, губење на свест во форма на колапс или синкопа, транзиторен исхемичен мозочен удар или мозочен удар со трајни последици.
Овој проблем е посебно изразен кај луѓето со вродени тромбофилии - состојби за прекумерно згрутчување на крвта.
Поставување на дијагноза и прво откривање на ПФО започнува со ехокардиографија, следен чекор е транскранијален доплер каде се утврдува присуство на ПФО, а дефинитивната дијагноза се поставува со трансезофагеален преглед со сонда (ТЕЕ) при што директно се визуелизира дефектот, се мери истиот и се одредува потребата и можноста за негово затварање со протеза, како и типот на протезата.
Млади луѓе, со горенаведените симптоми се лица за ваков тип на прегледи.